Руски пилоти го реализираа најдолгиот лет без запирање во текот на целата 36-годишна историја на надзвучните ловци-пресретнувачи МиГ-31 – седум часови и четири минути.
За тоа време пилотите прелетаа речиси 8000 километри меѓу воените аеродроми во Краснојарскиот крај и Астраханската област и имаа три полнења на гориво во воздух.
„Танкерите Ил-78 (…) се приближуваа на растојание од десет метри и се „прилепуваа“ со конусот-сензор“, раскажа во интервју за медиумите по летот капетанот на авионот Владимир Суржик.
Растојанието меѓу Краснојарскиот крај и Астраханската област е околу 4000 км, но МиГ-31 не секогаш летаа по права линија. „По првото полнење на гориво над Пермскиот крај направивме мало свртување по Уралскиот гребен во правец на Челјабинск и се вратија за второ полнење над Перм“, објасни Суржик.
Летот е направен во рамките на воените вежби на руската авијација и противвоздушната одбрана на Централниот воен округ.
Надзвучните ловци МиГ-31БМ претставуваат модернизирани МиГ-31 за единиците на Военото воздухопловство на Руската Федерација. Новите борбени летала се опремени со најнов систем за управување со оружјето и радар.
Авионот е способен да распознава цели на растојание од 320 километри и да ги неутрализира на растојание од 280 километри. Бројот на воздушни цели за неутрализација е шест, а за придружба - десет.
Подобрувањата на наведената верзија на надзвучните ловци овозможија да се зголемат борбените можности на леталото за 2,6 пати. Благодарение на овие показатели, највисокото воено-политичко раководство на Руската Федерација донесе одлука до 2020 година да модернизира 60 „конзервирани“ МиГ-31 во МиГ-31БМ во рамките на програмата за обнова на вооружувањето на армијата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче