Илјада скијачи во костими за капење скијаа во Сочи

Повеќе од илјада учесници во фестивалот-карневал „Бугел Вугел се спуштија денеска од падините на одморалиштето „Роза Хутор“ на скии и во костими за капење. Како што соопшти директорот на креативното биро „Енгиро“ Никита Гирин, организаторите имаат намера да го регистрираат настанот во „Гинисовата книга на рекорди“.

„Според прецизираните податоци, пријави за учество поднеле околу 2400 лица од 16 до 70-годишна возраст, а учествувале повеќе од илјада. На тој начин двојно го надминавме претходниот рекорд поставен во Сибир. Спустот помина мошне успешно, без падови и повреди, затоа што најнапред одеше инструктор кој ги осигуруваше оние што се спуштаа. А и времето не нѐ изневери“, ги цитира ТАСС зборовите на организаторот.

Во „Гинисовата книга на рекорди“ може да се најде и уште еден настан што се одржа денеска во рамките на „Бугел Вугел“. На  скијачката патека првин помина оркестар од 35 души.

„Тоа беше многу возбудливо спуштање, затоа што некои од музичарите буквално неколку денови пред почетокот на фестивалот почнаа да учат како да скијаат, но и овде сѐ помина добро“, изјави организаторот на фестивалот Алексеј Камерзанов.

„Бугел Вугел“ е планински карневал кој првпат се одржува во Сочи. Трае од 8 до 10 април. Според првичните процени, ќе има околу 10 илјади посетители, на кои им се нудат 10 фестивалски сцени и 13 часа музика во живо.


 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња