„Шпигел“ констатира дека недвосмисленото „не“ кое Холанѓаните вчера го кажаа на референдумот по повод ратификацијата на спогодбата за асоцијација на Украина со ЕУ претставува тежок удар за Европската унија и нагласува дека тоа не е кој било договор за слободна трговија, туку тоа е истиот оној договор кој беше чкорчето што го запали огнот на народниот бунт во Украина во ноември 2013 година.
Отфрлањето на спогодбата не е само победа на претседателот на Русија Владимир Путин, туку и победа на сите оние кои со големо задоволство веднаш би сакале да бидат сведоци на распадот на Европската унија. Референдумот е важечки, излезноста надмина 30% колку што е неопходно за да се смета за валиден.
Резултатите на референдумот ѝ удрија на ЕУ две шлаканици, само што сѐ уште не се знае каква ќе биде последицата - модринка или скршена вилица.
Резултатите од гласањето покажаа на прво место дека ЕУ во Холандија е исклучително непопуларна. А второ, 70% граѓани едноставно не ги интересира прашањето што е толку важно за Европа, или мислат дека нивниот глас и онака не значи ништо.
„Вината за тоа е во ЕУ и во холандските власти“, смета „Шпигел“.
„Сепак катастрофалната слика на дезорганизираната заедница која ЕУ ја презентираше во текот на грчката криза, како и избликот на егоизам кај источноевропските земји во текот на бегалската криза може само да придонесат за појавата на стравовите кои им одеа на рака на противниците на спогодбата во Холандија“.
Очигледно дека холандските власти многу малку направија за да организираат фер дискусија меѓу своите жители. Место тоа, министерот за надворешни работи Бер Кундерс настапи со аргументи како, на пример, Владимир Путин без било какво сомневање ќе отвори шише шампањско доколку Холанѓаните ѝ кажат „не“ на ратификацијата на спогодбата со Украина.
„Шпигел“ на крај смета дека многу гласачи ја поддржуваат спогодбата, но сепак гласале против, затоа што однесувањето на власта го сметаат за недемократско и затоа што веруваат дека власта во секој случај ќе ги игнорира резултатите од референдумот, пренесува Иносми.ру.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче