Штајнмаер: Без Русија немаше да има примирје во Сирија

Берлин високо ја цени улогата на Русија во решавањето на сирискиот конфликт, изјави шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер.

Договорот за прекин на огнот, обезбедувањето хуманитарни коридори, почетокот на мировните преговори во Женева – сето тоа ќе беше невозможно без конструктивното учество на Русија“, потенцираше Штајнмаер.

Изјавата на германскиот министер следеше по неговата посета на Москва од 22-23 март, која доби скромна застапеност во медиумите поради серијата терористички напади во Брисел, пишува „Взгљад“ повикувајќи се на „Дојче Веле“.

Според мислењето на шефот на МНР Германија, Москва „не е заинтересирана за постојан хаос и целосно рушење на државните структури на Блискиот Исток“. Притоа, според зборовите на Штајнмаер, тоа се објаснува, пред сѐ, со тоа што Русија ги реализира во регионот сопствените задачи, поточно, „создава свои сопствени сфери на влијание“.

Исто така, Москва се плаши од активирање на радикалните исламисти од Блискиот Исток „во муслиманските региони на Русија“, убеден е министерот. 

„Ајде да не забораваме: Русија веќе многупати беше жртва на терористички напади“, потенцираше Штајнмаер.

Шефот на германската дипломатија признава дека платформа за договарање со Русија на „понатамошни заеднички чекори за борба со тероризмот“ може да стане ОБСЕ, со која во 2016 година претседава Германија.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња