Специјалистите создадоа првична слика за падот на Боингот 737

Специјалистите кои се занимаваат со истрагата за падот на Боингот 737-800 на аеродромот во Ростов на Дон дојдоа по првите резултати.

Експертите кои работат на случајот со уривањето на авионот Боинг 737-800, кој вчера рано наутро падна на аеродромот во Ростов на Дон успеаја да креираат слика за она што се случило. Ова за агенцијата ТАСС денес го изјавија извори кои се блиски на авијатичките власти.

Според првичните информации, авионот не успеал да се приземји од првиот обид, па се вратил и направил втор круг. Сепак, тој потоа го прекинал приземјувањето и тргнал да направи трет круг. „На висина од околу 900 метри со брзина од повеќе од 400 километри на час, авионот се завртел налево и речиси вертикално, под агол од 60 степени се урнал на левиот дел од пистата“, објаснува изворот за агенцијата.

Во исто време, денес на прес конференција првите луѓе на авиокомпанијата FlyDubai излегоа со изјава дека условите за приземјување на аеродромот во Ростов на Дон од техничка гледна точка биле добри. Тие сметаат дека доколку условите за слетување не биле задоволителни, тогаш властите на аеродромот требало да го затворат.

Во меѓувреме, по завршувањето на работите на терен од страна на припадниците на Министерството за вонредни состојби, властите на аеродромот започнаа со воведување ред на аеродромот, како и со враќање во функција на пистата.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња