Стејт департмент: Санкциите остануваат до „враќањето на Крим на Украина“

На втората годишнина од одржувањето на референдумот на кој 96,77% од населението на Крим и 95,6% од населението на Севастопол гласаа за влегување на Кримскиот полуостров во состав на Русија, американскиот Стејт департмент го карактеризира тој чин како „окупација“.

Американскиот Стејт департмент пред втората годишнина од присоединувањето на Крим кон Русија соопшти дека санкциите воведени на Русија поради влегувањето на Кримскиот полуостров во состав на РФ остануваат на сила „сѐ до неговото враќање на Украина“.

Стејт департментот констатира дека нема да прифати насилно прекројување на границите во дваесет и првиот век и соопштува дека санкциите воведени по повод припојувањето на Крим кон Русија остануваат на сила, сѐ додека трае, како што е речено, „неговата окупација“.  

„Повторно ја повикуваме Русија да ја прекине окупацијата и да го врати Крим на Украина“, изјави официјалниот претставник на Стејт департментот Џон Кирби.

Кирби повторно инсистираше на наводните репресии кои на Крим се вршат против кримските Татари и Украинците. Тој нагласи дека од Крим „се истиснуваат“ невладините организации, а на меѓународните набљудувачи не им се дозволува пристап до полуостровот.  

Меѓутоа, претставниците на општините велат дека се чувствуваат позаштитени од претходно. Претставникот на кримско-татарското движење „Крим“ Ремзи Илјасов нагласуваше повеќепати дека единствена закана претставува медиумското „спинување“ и повиците однадвор чија цел е сеење раздор меѓу Кримските Татари и спротивставување на останатото население,  пренесува РИА „Новости“.

Агенцијата исто така потсетува на официјалните изјави на Москва дека жителите на Крим демократски и во склад со меѓународното право и Повелбата на ОН гласаа за припојување на Крим кон Русија, која го уважи и прифати тој избор, така што таквата одлука е реалност и неизбежно треба да се земе предвид.  

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња