Поранешен челник на НАТО предлага поделба на Сирија како Југославија

Според мислењето на Ставридис, најдобро би било истовремено да се води кампања против ИД и да се работи на воспоставување на федерален систем со значајна локална самоуправа.

Поранешниот командант на силите на НАТО во Европа Џејмс Ставридис смета дека е време Сирија поради кризата која трае долго време да се подели на неколку дела, објави „Форин Полиси“. Ставридис исто така предлага неколку варијанти на реализација на ваквото сценарио, вклучувајќи ги примерите на Југославија, Босна и Ирак.

Притоа поделбата на државата може да биде различна: од целосен распад, како во случајот со Југославија, до федерација како во Босна по Дејтонската спогодба, или слаба федерација како во Ирак, пишува Ставридис.

Меѓутоа, пред да се прибегне кон поделба потребно е да се проценат сите последици, смета Ставридис.

Според мислењето на генералот, за населението на Сирија, чија половина веќе беше принудена да го промени местото на живеење, поделбата на земјата наводно не би претставувала речиси никаква загуба. Меѓутоа, ако дојде до пребрза поделба, поголемиот дел од Сирија би им припаднал на сунитските екстремисти. Затоа би било најдобро истовремено да се води кампања против ИД и да се работи на воспоставување на федерален систем со значајна локална самоуправа. Ако овие предлози се претстават во вид на пакет, би можело да се постигне мирно регулирање на ситуацијата во Сирија како во Босна пред 20 години, смета Ставридис.

Тој сепак истакнува дека сѐ уште не е време ваков предлог да се изнесе на преговарачка маса.

Според американскиот генерал, треба да се почека примирјето да се одржи барем уште извесно време. Неговата идеја би била, ако страните успеат барем да почнат преговори, со време да се договорат и за нов устав и нови избори.

„Имајќи ја предвид опасната состојба на граѓанската војна, растот на бројот на загинатите, тоталниот хаос во регионот и непостоењето на ефикасен напредок со користење на какви-било методи, на преговорите би требало постои барем можност поделбата на земјата да се разгледа како варијанта“, пишува Џејмс Ставридис.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња