Албанските туристички агенции се обратија до владата на својата земја со барање да им помогне во развојот на туризмот за да можат да обезбедат поквалитетна понуда пред сѐ на рускиот пазар, соопшти Асоцијацијата на туристичките агенции на Русија (АТОР).
Според мислењето на албанските стопанственици, во услови на затегнати односи меѓу Русија и Турција, Албанија има историска шанса да се етаблира на рускиот туристички пазар, се наведува на сајтот на АТОР.
Помеѓу другото, од властите се бара да осмислат стратегија за развој и промоција на албанскиот туризам и да го поддржат туристичкиот сектор со помош на различни даночни олеснувања и други механизми.
Според мислењето на еден од руските стручњаци, специјализиран за албанскиот туризам, плановите на оваа земја во сегашната ситуација се повеќе од амбициозни.
„Како прво, Албанија нема толку широка, разновидна и квалитетна понуда на хотели каква што имаат Турција и Египет. Како второ, во земјата не е развиен форматот ол-инклузив, кој Русите толку го сакаат“, се наведува во соопштението на АТОР, пренесува „Взгљад”.
Па сепак, стручњакот истакнува дека Албанија има голем број мирни и недопрени плажи на брегот на Јонското и Јадранското море, каде сместувањето е значително поевтино отколку на други дестинации во Европа.
Реализацијата на замислата на албанските туристички агенции го отежнува и фактот што не постои директен лет меѓу Русија и Албанија. Цената на најевтиниот повратен авио-билет во двата правци до Тирана со поаѓање од Москва и претовар во Истанбул изнесува 20 илјади рубли (околу 260 евра). Патувањето трае најмалку осум часа.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче