Рускиот претседател ги поврзува советските идеи со големоруската и националистичката идеологија, тврди филозофот и публицист Мишел Елчанинов, пренесува германскиот весник „Ди Велт“.
Елчанинов во својата книга го реконструира погледот на светот кој стои зад работата на Владимир Путин. Тој детално опишува како Путин „од псевдолиберален прагматик со склоност кон советската носталгија се претвори во циничен милитантен владетел и промотор на новата големоруска империјалистичка идеја“, пишува „Ди Велт“. Авторот наведува филозофски, политички и културно-теориски извори кои Путин ги користи за формирање на својата идејна конструкција.
Францускиот филозоф ја застапува тезата дека Путин ги поврзува основните елементи на советското мислење со големируските националистички идеологии како што се панславизмот и евроазиската идеја.
Тој како главни вредности врз кои Путин ја гради својата идеологија ги издвојува: љубовта спрема Татковината, моралноста и антифашизмот. Се разбира, францускиот филозоф сето тоа го гледа само како средства со кои рускиот претседател ја оправдува „употребата на воена сила“ и врз кои го заснова „рускиот неоимперијализам, кој се става над меѓународното право”.
Како заштита за својот систем на владеење и средство против западниот либерализам Путин ја користи Руската православна црква, смета францускиот филозоф. Притоа рускиот претседател себеси наводно се претставува како „спасител и воскреснувач на руската нација“, пишува Елчанинов.
„Филозофските извори на путинизмот, колку и да се разновидни, се засновани врз две основни тенденции: врз идејата на империјализмот и врз апологијата на војната“, заклучува францускиот филозоф.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче