Русија и САД и понатаму се најголеми извозници на оружје во светот, соопшти во понеделникот, 22 февруари, Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања SIPRI.
Базите на податоци на институтот се однесуваат на периодот од 1950 година, а во описот на тенденциите на меѓународните воени трансфери стручњаците на институтот користат просечна вредност од петгодишен период, пренесува РИА „Новости”.
Според ранг-листи што ја објави SIPRI, најголем извозник на оружје во светот, како и претходно, се САД со 33% од глобалниот извоз на оружје. Најголеми клиенти на САД се Саудиска Арабија, (9,7%), Обединетите Арапски Емирати (9,1%) и Турција (6,6%).
Според податоците на SIPRI, регион кој увезува најмногу американско оружје е Блискиот Исток, каде заминува 41% од оружјето што го извезува Америка. Во земјите на Азија и Океанија оди 40% од извозот на американско вооружување.
Во текот на последните пет години испораките на главните видови конвенционално оружје од САД пораснале за 27% во однос на периодот 2006-2010.
Второто место на листата најголеми извозници на оружје, како и според резултатите од претходното истражување ѝ припаѓа на Русија со 25% во светскиот извоз на оружје. Авторите на извештајот истакнуваат дека извозот на главните видови конвенционално оружје од Русија во последните пет години пораснал за 28% однос на периодот 2006-2010.
Според податоците на SIPRI, најголеми увозници на руско оружје последниве пет години се Индија (39%), Кина (11%) и Виетнам (11%). Кога станува збор за извоз според региони, најмногу оружје од Русија увезувале земјите од Азија и Океанија.
На трето место на листата најголеми извозници на оружје, според податоците на SIPRI, се наоѓа Кина (5,9%), на четвртото место е Франција (5,6%), а на петтото Германија (4,7%).
Извозот на вооружување од овие пет земји во периодот од 2011 до 2015 година сочинува 74% од светскиот извоз.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче