Медиум: Русија може да стане светски лидер во извоз на жито

Растот на курсот на доларот ги прави американските земјоделски производи скапи и неконкурентни, а на водечките позиции доаѓаат руските фармери, пишува „Вол Стрит Џурнал“.

Канада и САД, најголемите извозници на земјоделски производи во светот, во последно време значително заостануваат зад Русија според обемот на производство на пченица. Годинава РФ е подготвена да извезе 23,5 милиони тони пченица, додека Канада може да даде на продажба само 20,5 милиони тони, а САД – само 21,8 милиони тони. Поранешните „лидери на пазарот“, покажуваат најниско ниво на извоз за последниве 44 години.

„Ако валутите на земјите во развој останат на ниско ниво, САД ќе изгубат огромен дел од извозниот пазар, а за тоа време Американците самите ќе почнат да купуваат сѐ повеќе странски производи“, смета директорот за земјоделски производи на „Сосиете Женерал СА“ во Њујорк Мајкл МекДугал.

Силниот долар, намалените цени на нафтата и порастот на приносите е причина купувачите од други земји да не сакаат да го купуваат американското жито. Згора на тоа, жестоката конкуренција на светскиот пазар на земјоделски производи ја намали вредноста на производите во целина. За разлика од САД, Русија поради слабата рубља успеа да ги балансира цените и да излезе на профитабилните пазари како што е египетскиот, пишува американскиот „Вол Стрит Џурнал“. 

Според прогнозите, ниската побарувачка и падот на цените болно ќе се одрази врз американските фармери. „Растот на курсот на доларот сѐ повеќе станува сериозен проблем за земјоделието отколку што можевме да очекуваме, и се заканува со реална штета за американската индустрија“, истакнува професорот по аграрна економија на Универзитетот „Ајова“ Чед Харт.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња