Турските власти со редок исклучок редовно одбиваат да приведат и испорачаат на Русија нејзини граѓани кои одат преку Турција на Блискиот Исток и во Северна Африка за учество во екстремистичките групи. Москва нема да го заборави тоа помагање на терористите, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров во интервју за италијанското списание „Лимес“.
„Русија повеќепати ја потенцираше загриженоста од нараснувањето на терористичките закани во Турција и отсуството на подготвеност на турските власти да соработуваат во борбата со тероризмот. На пример, без оглед на нашите многубројни обраќања, Анкара – со ретки исклучоци – одбиваше соработка во приведувањето и испорачувањето на руските безбедносни органи на државјани на Русија кои заминуваат во земјите на Блискиот Исток и Северна Африка со цел да им се придружат на активните во регионот терористички и екстремистички групи. Ние нема да го заборавиме тоа помагање на терористите“, смета Лавров.
Притоа министерот потенцира дека раководството на РФ нема да стави „знак на равенство меѓу дел од денешната владејачка врхушка која сноси директна одговорност за загинувањето на нашите војници во Сирија и нашите дамнешни и сигурни пријатели меѓу турскиот народ“.
„За Русија прашањето на борбата со тероризмот, исто како и регулирањето во Сирија, има принципиелен карактер. Затоа нападот на Военото воздухопловство на Турција врз рускиот бомбардер не може да ги промени нашите пристапи. Ако турската провокација беше со таа намера, нејзините автори очигледно погрешно пресметале“, потенцира Лавров.
Тој исто таа истакнува дека по нападот врз рускиот Су-24 „за сите надворешни страни, кои имаат влијание врз текот на настаните во Сирија, настапува моментот на вистината“.
„Неопходно е јасно да се дефинира – или сме против теророт и заеднички се бориме со тоа зло, или за некого декларациите донесени во Виена во текот на двата состанока на Меѓународната група за поддршка на Сирија претставуваат незадолжителни декларации, камуфлажа која ги прикрива себичните геополитички задачи во Сирија и тајните врски со терористите, вклучувајќи ги и испораките на украдената нафта и историските вредности“, вели Лавров.
Москва ја потенцира неопходноста од реализација од сите страни на соодветните резолуции на Советот за безбедност на ООН за борба со тероризмот и регулирањето во Сирија, додава министерот, пренесува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче