Рускиот писател од Словачка Сергеј Хелемендик смета дека сегашните европски лидери водат самоубиствена политика која ќе ја доведе Европската унија до катастрофа.
Тој за весникот „Комсомолска правда” пишува дека единствениот европски политичар кој се однесува како шеф на суверена држава е унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Виктор Орбан последниве години се занимава со она што во Европа не само што е непопуларно, туку е практично и забрането. Тој ефикасно и успешно ги штити интересите на својата земја и својот народ, за што унгарскиот народ му враќа со масовна поддршка”, пишува Хелемендик.
„Орбан ги притисна унгарските и европските банки, им наметна даноци на медиумите, редовно ги намалува цените на енергијата за населението, воспостави долгорочни и стабилни економски односи со Русија. Тој ја заштити земјата од унгарскиот „Мајдан“ што се подготвуваше пред година дена“, објаснува писателот. Орбан исто така се спротивстави на продорот на таканаречените бегалци. „Засега тој е единствениот премиер во Европа кој не со зборови, туку со дела ја спаси својата земја од таа наезда“, пренесува „Комсомолска правда”.
„Орбан се најде на челото на европскиот отпор против диктатот на Брисел кој е во суштина диктат на САД преку Брисел”, смета Хелемендик.
Рускиот писател потоа ја изложува идејата за формирање нова трета сила во Европа - Централноевропска унија. Тој смета дека основањето на овој нов геополитичи блок е единствен начин Европа да се заштити од „украинизација“. Негова претпоставка е дека блокот ќе биде формиран во рамките на некогашната Австро-Унгарија со евентуално вклучување на Полска и други земји.
Својата идеја тој ја објаснува со тоа што Европска унија е потрошена како проект и дека оди кон распаѓање. Тој предвидува две можности за Европската унија: целосно потчинување на САД или распад во хаос според украинското сценарио.
Основањето на Централноевропска унија е начин да се избегне оваа судбина.
Новата формација, помеѓу другото, би спречила судир меѓу Европа и Русија кој сака да го испровоцира Америка. Хелемендик ја гледа Централноевропската унија како нова сила која би можела во целост да ја промени политичката ситуација на европскиот континент.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче