Путин: На Сирија ѝ е потребна уставна реформа

Претседателот на Русија Владимир Путин во интервјуто за германскиот весник „Билт“ зборуваше и за сириската криза, нарекувајќи ги тврдењата дека РФ во Сирија не се бори со ИД, туку со опозицијата „лага“.

Претседателот на Русија Владимир Путин во интервјуто за германскиот весник „Билт“ ги нарече лага тврдењата дека руските Вооружени сили во Сирија се борат не со „Исламската држава“, туку со опозицијата.

„Сите тие лажат. Видете, видеоматеријалите кои се појавуваат како поткрепа на таа теза, се појавија уште пред нашите пилоти да почнат да нанесуваат удари врз позициите на терористите. И за тоа има потврда. Но нашите критичари се трудат да не го забележуваат тоа“, изјави Путин. Тој прецизираше дека Русија ги договара своите дејствија во Сирија и со армијата на претседателот на земјата Башар Асад, и со одредите на вооружената опозиција која се бори против ИД.

Одговарајќи на прашањето за можноста да му се даде азил во Русија на претседателот на Сирија Башар Асад, Путин изјави дека е „прерано да се дискутира за тоа“.  

„Ние му дадовме на господинот Сноуден азил, тоа беше посложено отколку да му се даде на Асад. Најпрвин треба да му се даде можност на сирискиот народ да се искаже. И јас ве уверувам, доколку сето тоа биде на демократски начин, на тој начин тоа, веројатно, и нема да му треба на Асад да замине никаде. И не е важно дали тој ќе биде претседател или не“, рече  Путин.

Претседателот исто така го оцени развојот на ситуацијата во Сирија и изјави дека се потребни уставна реформа и избори, а сирискиот народ самиот треба да определи кој и како ќе управува со земјата.

„Сметам дека треба да се оди во насока на уставна реформа. Тоа е сложен процес, се разбира. А потоа врз база на новиот устав да се одржат предвремени избори и за претседател, и за парламентот“, изјави рускиот претседател.

Путин исто така искажа мислење дека разногласијата меѓу Саудиска Арабија и Иран во целина ја усложнуваат работата за решавање на сирискиот проблем, борбата со тероризмот и прекинувањето на приливот на бегалци во Европа, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња