Медиуми: Путин и Ренци преговараат за „Северен тек“

Претседателот на Русија Владимир Путин му се јави на премиерот на Италија Матео Ренци за да го разгледаат учеството на Италија во проширувањето на гасоводот „Северен тек“, соопштија медиумите.

Путин виде во Италија можен партнер за надминување на дел од разногласијата кои настанаа во Европската унија во однос на ова прашање. Многу европски земји негативно се однесуваат спрема проектот поради три причини. Прво, тој ја зголемува енергетската зависност на Европа од Русија. Второ, гасоводот дава можност да се испорачува гас во Европа, а да се заобиколи Украина. И, како трето, Европската комисија се заложи против „Северен тек-2“, затоа што во моментов во проектот учествува само германската страна, а со незначителниот удел на Австрија и Холандија тоа е недоволно за да се надмине спротивставеноста, пренесува „Взгљад“ повикувајќи се на „Ла Стампа“.  

На тој начин, Русија смета дека учеството на италијанска компанија ќе овозможи надминување на оваа пречка.

Покрај тоа, изборот на Кремљ може да се објасни и со тоа што Ренци во декември минатата година се обрати до Европската комисија со барање да се провери дали учеството на Германија во проектот „Северен тек-2“ одговара на европските норми.  

По ова, Италија стана „еден од главните ликови во крајно важната енергетска игра“, пишува „Ла Стампа“.

Весникот истакнува дека учеството на Италија во овој проект потполно одговара на интересите на оваа земја. Во 2015 година Италија малку закрепна од кризата, и потрошувачката на природен гас се зголеми за 15%.

Во 2016 година таа ќе се зголеми уште повеќе, меѓутоа државата не дозволува експлоатација на нови наоѓалишта поради еколошки причини.

„Ако не се произведува гас во Италија, и ако не се испорачува преку „Јужен тек“, тогаш ќе мора да се учествува во „Северен тек“, пишува изданието.

На 8 јануари Путин и Ренци ја потврдија важноста на продолжувањето на заедничката работа за реализација на енергетските проекти кои се од корист на двете земји. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња