Потезите на полските власти претставуваат „опасна путинизација на европската политика”, изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.
Политиката на новата влада на Полска се формира според рускиот модел, смета Шулц. Според неговото мислење, властите во Варшава „гледаат на својата победа на изборите како мандат добиен за потчинување на судбината на државата на волјата на победничката партија“, пренесува „РТ“, повикувајќи се на „Франкфуртер Алгемајне Зонтагзцајтунг“.
Според зборовите на Шулц, она што се случува во Полска е „контролирана демократија во стилот на Путин и опасна путинизација на европската политика”.
„ Сега целиот демократски политички спектар „од левите до десните сили би требало недвосмислено да изјави дека ваквата политика се коси со европските вредности”, истакна Шулц, говорејќи на пленарното заседание на Европскиот парламент за моменталната ситуација во Полска.
Паралели меѓу полската и руската политика забележа и поранешниот комесар на ЕУ за прашања на правниот систем, фундаменталното право и цивилното општество, а сега пратеничка во Европскиот парламент Вивијан Рединг.
„Нападот врз правната држава секогаш почнува со нападите врз уставниот суд. Потоа следува напад врз медиумите, најпрвин врз државните, а потоа врз приватните. Тоа е логиката на Путин, Орбан, Качински”, смета Рединг.
Претседателот на Полска Анджеј Дуда на 7 јануари потпиша амандмани на законот за медиуми со кои се укинуваат овластувањата на сегашните членови на управите и надзорните одбори на државната ТВ-компанија „ТВП“ и Полското радио.
Министерот за финансии на Полска доби право да именува нов состав на раководствата „до воведувањето нова организација на државните медиуми“. Освен тоа, министерот за финансии на Полска може да ги промени статусите на државните медиуми за тие да бидат во согласност со усвоените амандмани.
Кон крајот на декември 2015 година, Дуда ги потврди амандманите на законот за Уставниот суд, според кои Уставниот суд повеќе не може да ги прекине овластувањата на судиите и има само право во посебни случаи да испрати барање за тоа до долниот дом на парламентот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче