Креаторот на филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ Џорџ Лукас во едно интервју се пожали на отсуство на креативната слобода, пренесува „ИноТВ“.
„Во светот во кој живееме, во системот што го создадовме самите за себе – тоа е голема индустрија – не смее да се губат пари. Смислата е во тоа што те принудуваат да снимиш определен филм. Јас секогаш им одговарав на оние кои, тогаш, уште во времето на Советскиот Сојуз, ќе ме прашаа: „Како, зарем не се радувате што живеете во Америка? Јас секогаш им одговарав дека познавам многумина руски режисери, тие имаат многу поголема слобода од мене. Тие треба само да бидат претпазливи со критиките кон владата, инаку можат да прават што сакаат“, ги цитира „Вол Стрит Џурнал“ зборовите на режисерот.
Како противтежа на мислењето на Лукас, изданието објави фрагмент од книгата „Историја на рускиот филм“ од Биргит Бојмерс, истражувач од универзитетот во Бристол. Според неа, авторската кинематографија во епохата на застојот (1967 – 1982) преживувала тешкотии поради својот поетски јазик, недостапен до пошироките маси, и поради тоа што нејзиниот симболизам можел да оди во спротивна насока на политичката агенда. Одвреме-навреме меѓународна поддршка можела да доведе до тоа еден филм да биде прикажан на некој фестивал, додека дома или воопшто не бил прикажуван, или бил прикажуван во лимитиран формат. Биргит Бојмерс ги наведува како пример филмовите „Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски (филмот е прикажан 7 години по снимањето) и „Проверка на патиштата“ на Алексеј Герман (забранет за прикажување).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче