НАТО во значителна мера ја загуби надмоќта во последно време, особено во контекст на модернизацијата на руските Вооружени сили и сега Алијансата се плаши дека рамнотежата на силите во светот може да биде нарушена во корист на Русија, смета генералот на НАТО Ханс Лотар Домрезе.
„Од моментот кога Путин вторпат стана претседател, инвестициите на Русија во одбранбената сфера беа толку интензивни што денес нејзините вооружени сили се ултрасовремени, флексибилни и борбено ефикасни“, истакна Домрезе во интервју за германскиот портал „Фокус“.
Притоа, според генералот, Алијансата последниве 25 години значително ја намалила својата моќ. Нејзините вооружени сили за тоа време се намалиле за 25%. Сега НАТО треба внимателно да следи дали силите на Алијансата се доволни за да се зачува рамнотежата на силите во светот. Експертите треба да ја проценат ситуацијата и да донесат заклучок дали рамнотежата е нарушена во полза на една од страните.
Според Домрезе, во случај рамнотежата да биде нарушена, НАТО треба да почне преговори за разоружување со Русија. Доколку таквите преговори пропаднат, Алијансата треба повторно да пристапи кон јакнење на својата воена моќ за да ја зачува рамнотежата, затоа што само баланс на силите ја гарантира стабилноста во светот, пренесува РИА „Новости“.
Во случај да треба да се реализира таквото сценарио, НАТО ќе мора да спроведе темелна модернизација на вооружените сили и повторно да ги воведе вештините и технологиите кои беа изгубени во текот на 25 години. Домрезе смета дека посебно внимание ќе треба да биде посветено на системот за противвоздушна одбрана, затоа што во некои членки на Алијансата тие системи во принцип не постојат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче