Уделот на сиромашни семејства во Русија се искачи на 39 проценти

Резултатите од анкетата на Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ) покажуваат дека уделот на сиромашни семејства се искачил од 22 на 39 проценти.

Резултатите од анкетата што ја спроведе Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ) покажуваат дека во текот на 2015 година ситуацијата почнала да се влошува и дека уделот на сиромашни семејства (оние кои немаат доволно за храна, а  купувањето облека не им е достапно) се искачи на 39 проценти и истовремено го достигна нивото од 2009 година, пренесува „Взгљад“.

Потрошувачкиот потенцијал на Русите растеше до 2014 година, покажуваат податоците на ВЦИОМ. Уделот на „сиромашни“ семејства се намали двојно од 49 кон крајот на 2005 година на 22 проценти во декември 2014 година. Во текот на последните десет години материјалната состојба на Русите, во целина, забележително е подобрена, просечните приходи по глава на жител (според резултатите од анкетите на ВЦИОМ) се зголемени четирипати. Уделот на семејства со приход по член на домаќинство помал од 5000 рубли, во периодот од декември 2005 до декември 2013 година е намален од 96 на 11 проценти (според податоците од средината на декември оваа година, тој удел е 13%).

Русите последнава деценија ја оценија својата материјална состојба како сѐ подобра: уделот на семејства со „лоша“ или „многу лоша“ материјална состојба е намален од 32% (декември 2005) на 16% во средината на декември 2013 и 2014 година. Ситуацијата почна да се менува во октомври 2014 година: уделот на семејства кои својата материјална состојба ја оценуваат како „лоша“ или „многу лоша“ досега порасна на 22%.

Анкетата е реализирана на 12 и 13 декември 2015 година, испитани се 1600 лица во 130 населени места во 46 области, покраини и републики на РФ. Статистичката грешка не надминува 3,5%.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња