Русија прави опрема за „војникот на иднината“ – „Ратник-3“

За 2016 година е планирана изработка и тестирање на нови елементи од опремата.

Централниот научно-истражувачки институт за прецизна машиноградба следната година има намера да ја направи третата генерација на опремата за „војникот на иднината“, пишува „Рен.ТВ“. 

„Во 2016 година се планира изработка на девет индустриски технологии за производство и тестирање на елементите од опремата“, изјави генералниот директор на претпријатието Дмитриј Семизоров.

Работата се реализира во рамките на програмата „Развој на одбранбено-индустрискиот комплекс за 2011-2020 година".

Во моментов во вооружувањето на руската армија се наоѓа системот „Ратник“ од втора генерација. Таа претставува комплекс од современи средства за заштита, врска, оружје и муниција. Опремата може да заштити 90% од телото на војникот. Заштитните елеци се за 70% поефикасни од своите претходници. „Ратник“ има многу новини, од кои една е моменталното отфрлање на целата опрема при паѓање во вода. А заштитниот елек создаден за ВМФ самиот претставува ноу-хау технологија. Руските специјалисти успеаја да спојат и панцир, и елек за спасување.

Борбената опрема „Ратник“ има разновидна електроника: електронски мапи, сателитска навигација, индивидуална врска, системи за ноќно гледање и прибори за осветлување. Сето тоа го прави војникот составен дел од обединет борбен систем. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.