„Војна на ѕвездите“ постави рекорд во Русија

„Војна на ѕвездите: Будењето на силата“ во Русија заработи повеќе од 877 милиони рубли (повеќе од 12,4 милиони долари) во првиот викенд од прикажувањето.

Филмот на Џеј Џеј Абрамс „Војна на ѕвездите: Будењето на силата“, според резултатите од првиот викенд на прикажувањето постави рекорд во Русија, соопшти прес-службата на компанија WDSSPR, која се занимава со дистрибуција на филмот, пренесува ТАСС.

„Среќни сме да соопштиме дека првиот викенд од прикажувањето во Русија (од 17 до 20 декември) новата епизода од легендарната вселенска сага „Војна на ѕвездите: Будењето на силата“ собра над 877 милиони рубли (над 12,4 милиони долари). Ова е најдобриот резултат според заработувачка за првиот викенд од прикажувањето во целата историја на руската филмска дистрибуција“, истакнува прес-службата.

Во четвртокот, 17 декември, на првиот ден од прикажувањето, филмот заработи над 198 милиони рубли, што сепак не беше доволно за уште еден рекорд.

Рекордот за заработувачка на првиот ден од прикажувањето сѐ уште го држи филмот „Железниот човек 3“, кој во 2013 година на првиот ден од прикажувањето заработи над 256 милиони рубли.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.