Путин: Руската економија го помина врвот на кризата

Намалувањето на надворешниот долг е позитивен ефект на западните санкции спрема Русија, изјави рускиот претседател Владимир Путин на големата годишна прес-конференција.

На 17 декември 2015 година во Москва по единаесетти пат се одржува големата годишна прес-конференција на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. За овој настан се акредитирани рекорден број новинари - 1390. Рускиот претседател не ги ограничи темите на кои можат да се поставуваат прашања, ниту времето на траење на конференцијата. „Руска реч на македонски“ во текот на денов ќе ви пренесе дел од најинтересните изјави на шефот на руската држава.

Претседателот Путин смета дека и покрај сегашните цени на нафтата, врвот на кризата во Русија е надминат.

„Старите прогнози за излегување од кризата се базираа на тоа дека барел нафта ќе чини 100 долари, а сега и цената од 50 долари е премногу оптимистична“, рече Путин.

„Во септември-октомври растот на БДП-то изнесуваше 0,3-0,1%, забележан е помал раст на индустриското производство, се подобри ситуацијата на пазарот на трудот, намален е надворешниот долг, како и одливот на капиталот. Се бележи дури и прилив на капитал“, изјави Путин, додавајќи дека тоа го покажува интересот на инвеститорите за руската економија.

Рускиот претседател додаде дека намалувањето на надворешниот долг е позитивен ефект од западните санкции спрема Русија.  

Руската влада планира економски раст од 0,7% за 2016 година, од 1,9% во 2017 година и 2,4% за 2018 година, изјави тој додавајќи дека владата нема да брза со ревизија на буџетот, туку ќе се подготвува за секакво можно сценарио за развој на настаните.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња