Претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека позициите на Москва и Минск се многу блиски во однос на прашањата за решавање на украинската криза и борбата со меѓународниот тероризам, пренесува ТАСС.
„Ја истакнавме блискоста на позициите на нашите земји за актуелни теми како што се решавањето на украинската криза и борбата со меѓународниот тероризам во Сирија“, изјави Путин по преговорите.
Според зборовите на Путин, „на меѓународната сцена Русија и Белорусија спроведуваат усогласена надворешна политика“.
„Со цел зајакнување на регионалната безбедност се договоривме активно да ја развиваме воено-техничката соработка“, потенцираше претседателот на РФ.
Претседателите на Русија и Белорусија исто така ја потпишаа и заедничката изјава за преговорите во Москва.
Во документот се наведени точки за обезбедување еднакви права за слобода на движење, избор на место на живеење и жителство на териториите на државите-членки на Сојузната држава од 24 јануари 2016 година.
На прес-конференцијата Путин ја истакна „важната иницијатива во миграциската сфера“.
„Од 1 јануари годинава странските граѓани, кои сакаат да живеат и работат во Русија, треба да го потврдат познавањето на рускиот јазик, познавањето на руската историја и основите на законодавството. Истовремено, имајќи го предвид особениот карактер на руско-белоруските врски, ние донесовме принципиелна одлука да не ги применуваме овие норми за граѓаните на Белорусија“.
Путин исто така соопшти и дека дискутирале со Лукашенко за прашања поврзани со безбедноста и стабилноста имајќи го предвид претстојниот самит на ОДКБ на 21 декември.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.