„Не го доведуваме во прашање повластениот дијалог меѓу НАТО и Русија од 1997 година. Во разговорот со министерот за надворешни работи на Германија Франк-Валтер Штајнмаер ја поддржав идејата за обнова на преговорите меѓу НАТО и Русија под одредени услови. Меѓутоа, ќе ја доведеме во прашање политичката декларација според која значителни воени или одбранбени сили нема да бидат распоредувани на територијата на новите држави-членки на НАТО. Сметаме дека таквите изјави се застарени, затоа што се дадени во врска со друга Русија која сѐ уште не се однесуваше империјалистички и не водеше надворешни војни“, ги цитира зборовите на полскиот министер Витолд Вашчиковски „Взгљад“.
Министерот додаде дека значителни сили на Алијансата до ден-денес не се распоредени во Полска само поради ставот на Германија која „повеќе се грижи“ за интересите на Русија отколку за интересите во доменот на безбедноста на Централна Европа.
„Затоа сакаме да ги прашаме нашите германски партнери каде е нивната солидарност кон вашиот најблизок партнер“, рече тој.
Вашчиковски многу негативно реагираше на желбата на Русија и Германија да ја продолжат работата над гасоводот „Северен тек-2“.
„Шокирани сме. Веќе со години зборуваме дека „Северен тек-1“ е политички проект заради заобиколување на Централна Европа и заради можност за уцени. Им ги кажавме тоа на Германците, но тие ја повторуваат грешката и се обидуваат да нѐ убедат дека тоа не е политички гасовод, туку комерцијален приватен проект. Не сме од вчера. Знаеме дека на едната страна се наоѓа моќната Русија, а на другата, германската, моќни германски концерни кои ја реализираат државната политика. Генерално, гледаме само дека расположението на Германија спрема Полска опаѓа. Меѓутоа, сакаме добри односи и разбирање за нашата загриженост во врска со распоредувањето на единици на НАТО“, рече полскиот министер.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче