Русија изврши прв напад врз ИД од подморница со ракети „Калибар”

Русија го нанесе првиот удар со крстосувачки ракети „Калибар“ од подморницата „Ростов на Дон“ врз позициите на „Исламската држава“ во Сирија, соопшти министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу.

„Првпат ги применивме крстосувачките ракети „Калибар“ од подморницата „Ростов на Дон“ во Средоземното море“, изјави Сергеј Шојгу пред претседателот на Русија Владимир Путин, пренесува „Взгљад”.

„Сите цели се погодени. Уште еднаш крстосувачката ракета „Калибар“ ја покажа својата ефикасност на големи растојанија“, рече министерот.

Цели беа два големи командни пункта на терористите на територијата на провинцијата Рака... Со целосна увереност можеме да кажеме дека се нанесени значајни штети на магацините со муниција и фабриката за изработка на мини и, се разбира, на нафтената инфраструктура“, додаде рускиот министер. „Ги предупредивме нашите колеги во Израел и САД дека денеска ќе реализираме такви лансирања“.

„Треба, се разбира, да се анализира сѐ, сѐ што се случува на боиштето и како функционира вооружувањето. И ракетите „Калибар“ и ракетите А-101 во целина се покажаа многу добро, тоа е ново, современо и високо ефикасно, сега го знаеме тоа, оружје со висока прецизност кое може да носи како обични боеви глави, така и специјални боеви глави, т.е. со нуклеарно полнење. Се разбира, во борбата против тероризмот тоа не ни е потребно и се надевам дека никогаш нема да ни биде потребно“, изјави Путин.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.