Нобеловката Алексиевич: Русите не знаат за слобода и ја бомбардираат Сирија

Живеев во земја во која уште од детството нѐ учеа да умираме, изјави белоруската добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич за Советскиот Сојуз.

Овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за литература, белоруската писателка Светлана Алексиевич на 7 декември во Стокхолм го одржа традиционалното предавање пред церемонијата на доделување на наградата,  пренесува порталот Rubaltic.ru.

Предавањето беше во голема мера посветено на Советскиот Сојуз и на советскиот човек, кого таа го нарекува „романтичар на ропството“. Алексиевич исто така го изнесе своето мислење за учеството на Советскиот Сојуз во Втората светска војна и во војната во Авганистан, за несреќата во Чернобил, за настаните во 90-те и за современа Русија.  

„Живеев во земја во која уште од детство нѐ учеа да умираме. Нѐ учеа на смртта. Ни кажуваа дека човекот постои за да се предаде себеси, за да согори, за да се жртвува. Нѐ учеа да го сакаме човекот со оружје“, рече писателката.

„Доколку пораснев в друга земја, не би можела да го поминам тој пат. Злото е немилосрдно, од него треба да се вакцинираме. Но ние пораснавме меѓу џелати и жртви“, рече Алексиевич за животот во СССР.

Таа во својот говор се осврна и на поимот слобода за рускиот човек, цитираше луѓе со кои разговарала кога ја посетувала Русија.

„Русинот не ја сфаќа слободата, нему му се потребни Козак и камшик“, изјави Алексиевич од говорницата.

Според неа, „црвениот” човек не успеал на крај да стигне во она царство на слободата за кое сонувал седејќи во кујната: „Русија ја поделија без него, нему ништо не му остана. Понижен и искраден. Агресивен и опасен“.

Опишувајќи ја современа Русија, нобеловката обвини дека помеѓу моќта и достоинството, Русија го одбрала првото.

„Сега е повторно доба на моќта. Русите се борат со Украинците. Со браќата. Мојот татко е Белорусин, а мајка ми е Украинка. Така е во многу семејства. Руските авиони ја бомбардираат Сирија“, рече Алексиевич.

Говорот на нобеловката го коментираше за RuBaltic.Ru, професор Лав Евстафјевич Криштапович, доктор на филозофски науки: „Предавањето на Светлана Алексиевич по повод врачувањето на Нобеловата награда е чиста антисоветска пропаганда која нема никаква врска со анализа на реалните настани. Доколку би дискутирале со таков текст, значи дека би признале дека во него има некакви аргументи и докази. Но за таква клевета не треба ни да се зборува. Таа треба да се отфрли, затоа што нејзина цел не е анализа на реалноста, туку промена на свеста на нашиот народ и замена на оваа свест со туѓи претстави и погледи на оние кои имаат свои интереси на постсоветските простори“.

„Станува збор за тоа дека публиката на Алексиевич под слобода подразбира уништување на нашата државност во интерес на западната плутократија“, смета Криштапович.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња