Експерт за „Јужен тек“: Бугарите требаше порано добро да размислат

Бугарите ја испуштија реалната шанса, Москва повеќе не е заинтересирана, рече директорот на Фондот за национална енергетска безбедност Констатин Симонов по повод сѐ почестите изјави на надеж на бугарскиот врв за враќање на руските гасни проекти во Бугарија.

Директорот на Фондот за национална енергетска безбедност, политикологот Константин Симонов изјави за „Взгљад“ дека Бугарите требало порано да размислат за својата енергетска положба.  

„Смислата на изградбата на „Јужен тек“ или „Турски тек“ се наоѓа во потребата да се заобиколи несигурниот партнер, а тоа е Украина. Русија донесе во принцип економска, а не политичка одлука да ја одмине Украина во делот за испорака на гасот во Јужна и Централна Европа. За достава во Северна Европа постои „Северен тек“, преку Германија. „Јужен тек“ е потребен за испорака во Бугарија, на Балканот, во Унгарија, Италија, Грција“, вели Симонов.

По несогласувањето од страна на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, за изградба на „Јужен тек“, тој се претвори во „Турски тек“. Два крака (од четирите) на „Турски тек“ веќе се префрлени на север и ќе бидат реализирани во рамките на проектот „Северен тек-2“. Еден крак ѝ е потребен на самата Турција за нејзини интерни потреби. Затоа Бугарија на ниту еден начин не може да стане европски гасен јазол.

Ние фактички ги решивме сите свои проблеми, затоа што го градиме „Северен тек-2“. Бугарите мораа порано добро да размислат, тие ја пропуштија реалната шанса. Москва повеќе не е заинтересирана за тој проект“, вели политикологот.  

Влошувањето на односите меѓу Русија и Турција ја доведе во прашање иднината на проектот „Турски тек“. Бугарија реши да ја искористи „единствената шанса“. Софија би можела да одигра улога на централен европски јазол, но и повторно да ги привлече руските туристи, изјавуваат претставници на државниот врв. Проектот би ѝ бил од голема полза на Бугарија, само што никој не го постави прашањето дали Русија сака да му се врати на „Јужен тек“, пишува рускиот весник. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња