Ердоган: Ќе најдеме други испорачувачи на гас

Турскиот претседател ја префрла целата вина врз Русија за запирањето на „Турски тек“.

Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе најде замена за рускиот гас. Како основни испорачувачи на гас претседателот на Турција ги наведе Катар и Азербејџан, со кој Анкара веќе се договори да ја забрза изградбата на Трансатлантскиот гасовод.   

„Можеме да најдеме други испорачувачи“, го цитира агенцијата „АФП“ Ердоган. Тој исто така ја префрли врз Русија вината за запирањето на проектот за изградба на гасоводот „Турски тек“, изјавувајќи дека Русија не ги исполнила своите обврски.

Во моментов еден од најголемите испорачувачи на гас во Турција е Русија. Пред соборувањето на рускиот Су-24 во Сирија постоеше сериозна надеж дека веќе во декември ќе биде склучен меѓувладин договор за првиот крак на „Турски тек“ со моќност од 15,75 милијарди кубни метри годишно. Истиот требаше да го замени транзитот преку Украина. Сепак на 3 декември министерот за енергетика на Русија Александар Новак изјави дека преговорите меѓу Русија и Турција за „Турски тек“ се замрзнати.   

Истовремено со запирањето на преговорите со Русија, Турција се договори со Азербејџан да ја забрза изградбата на Трансатлантскиот гасовод, кој може да биде изграден веќе во 2018 година. Покрај тоа, Анкара планира да ја зголеми испораката на течен природен гас од Катар и со таа цел сака да изгради терминал за прием на ТПГ во европскиот дел на Турција. Како уште една алтернатива на рускиот гас се смета и обновата на изградбата на гасоводот од Ирачки Курдистан, пишува „Комерсант“.
 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.