Путин: Благодарение на Русија, глобалното затоплување е забавено

Претседателот на Русија Владимир Путин говореше на отворањето на климатската конференција на ООН што се одржува деновиве во Париз.

Русија го надмина планот за реализација на „Протоколот од Кјото“, намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид до таа мера што го забави глобалното затоплување на Земјата за една година, изјави претседателот на РФ Владимир Путин на отворањето на самитот на ООН за климатските промени, пренесува „РТ“.

„Ние ги надминавме своите обврски според протоколот од Кјото од 1991 до 2012 година. Русија не само што не дозволи пораст на емисиите на штетни гасови, туку значително ги намали“, изјави шефот на руската држава.

„Благодарение на тоа, во атмосферата не отидоа околу 40 милијарди тони штетен јаглерод диоксид. За споредба ќе кажам дека емисиите од сите земји во во светот во 2012 година изнесуваа 46 милијарди тони. Може да се каже дека напорите на РФ овозможија да се забави глобалното затоплување речиси за една година“.

Притоа Русија нема намера да запре на постигнатите резултати и до 2030 година планира да ги намали емисиите на штетни гасови за 70%, соопшти претседателот на РФ. Во тоа, според зборовите на Путин, на руските претпријатија ќе им помогне домашната технологија за додатоци врз основа на јаглеродни наноцевки.

„Русија ќе продолжи да дава придонес во заедничките напори за спречување на глобалното загревање. До 2030 година сметаме да ги намалиме емисиите на штетни гасови до 70% од основното ниво. Ќе го постигнеме тоа, меѓу другото, за сметка на напредни решенија во сферата на енергетското снабдување, вклучително и за сметка на нови нанотехнологии. Така, на пример, во Русија е изработена технологија за употреба на додатоци врз база на јаглеродни наноцевки. Според процените на експертите, примената на оваа технологија само во Русија ќе ја намали емисијата на јаглероден диоксид до 2030 година за 160-180 милиони тони. Се разбира, подготвени сме за заемна размена на вакви продукти“.

За намалување на емисиите на штетни гасови Русија е подготвена да им даде финансиска и друга поддршка на земјите во развој во рамките на механизмите на ООН.  

„Принципиелно значење има поддршката за земјите во развој за намалување на штетните емисии. Русија исто така планира да дава финансиска и друга помош на овие земји, користејќи ги соодветните механизми на Организацијата на обединетите нации“, заклучи рускиот лидер.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.