Руските туроператори ги откажуваат турите за Турција

Shutter Stock/Legion Media
Вкупно се продадени 4-5 илјади тури за Турција до средината на јануари 2016 година.

Туроператорите ги откажуваат продадените тури за Турција до Нова година, изјави во средата за „Интерфакс“ портпаролот на Рускиот сојуз на туристичката индустрија (РСТ) Ирина Тјурина.

Според нејзините зборови, операторите ќе нудат рефундирање на целиот износ преку избор на друга дестинација од својот асортиман. Работата е во тоа што, како и во ситуацијата со Египет, тие не можат веднаш да ги вратат парите, затоа што средствата се веќе префрлени во Турција. Освен тоа, треба да се платат и празните авиони.

Како алтернатива се нудат сите дестинации, но најчесто туристите ги избираат одморалиштето Ејлат во Израел, Јордан и ОАЕ.  

„Тоа се дестинации каде што е топло и не мора да се лета толку далеку. Тие сепак се поскапи, но, барем летот не е многу подолг. Виетнам и Тајланд се поскапи. Резервацијата е според египетската шема: доколку новата тура чини поевтино, туроператорот враќа дел од парите, а доколку е поскапа – туристот си доплаќа“, изјави Тјурина.

Портпаролот на РСТ истакна дека туроператорите ќе претрпат големи загуби поради тоа што ќе мораат да испраќаат празни авиони во Турција за да ги донесат туристите.

Според податоците на РСТ, вкупно се продадени 4-5 илјади тури за Турција со вклучен лет до средината на јануари. Во Турција во моментов одмораат околу 10 илјади руски туристи.

Во вторникот шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Министерството за надворешни работи на РФ им препорачува на руските граѓани да се воздржат од патување во Турција.  

Потоа Ростуризам им препорача на туроператорите да ја запрат продажбата на тури за Турција, вклучително и преку трети страни. Сите поголеми руски туроператори во средата наутро ја запреа продажбата на тури за Турција.

Во вторникот руски Су-24 беше соборен на територијата на Сирија од страна на турски Ф-16.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња