Путин: Со запирањето на струјата Киев се изживува врз луѓето на Крим

Без премолчена поддршка од Киев не би можело да дојде до енергетска блокада на Крим, изјави претседателот на РФ Владимир Путин.

Русија е изненадена од ставот на Киев за енергетска блокада на Крим, изјави претседателот на Русија Владимир Путин. Тие како да се изживуваат врз луѓето.

„Се разбира, овие проблеми ќе бидат решени. Изненадени сме од ставот на нашите партнери од Киев. Без нивна премолчена поддршка тоа не би можело да се случи – тоа е очигледно и јасно. Тие зборуваат дека Крим мора да се врати во состав на украинската држава, а притоа се изживуваат врз луѓето, т.е. делуваат во сосема спротивен правец. Но што да се прави, тоа е нивен избор“, изјави Путин, а пренесува „Взгљад”.

Шефот на руската држава изјави дека е „неопходно да се обезбеди стабилна работа на привремените извори на електрична енергија на Крим додека трае енергетската блокада на полуостровот“.  

„Сакам да им се заблагодарам на жителите на Крим за нивната непоколебливост, за подготвеноста да поднесат одредени потешкотии до кои доаѓа поради блокадата“, додаде Путин и истакна дека овие проблеми „секако ќе бидат решени”.

„Денес треба да се стори сѐ привремените извори на електрична енергија да функционираат сѐ до 20 декември кога, според договорот, треба да биде поставена првата линија со која Крим ќе се снабдува со струја од копнениот дел на Русија. А летото 2016 година ќе биде поставена и втора линија“, изјави претседателот, истакнувајќи дека Министерството за енергетика на Русија ветило дека  проектот за енергетско поврзување на Крим ќе се реализира колку што е можно побрзо.

Во вторникот, 24 ноември, министерот за енергетика на Русија Александар Новак изјави дека првиот дел од тнр. Енергетски мост меѓу Краснодарскиот крај и Крим ќе профункционира до 20 декември оваа година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња