Медиум: САД денеска не би успеале да ја распарчаат Југославија

Доколку потенцијалот и борбената способност на руската војска во тоа време би била како денес, настаните на Балканот сега би се одвивале поинак, сметаат руски експерти.

Во советско време СФРЈ ја сметавме повеќе за сојузник отколку за непријател. Иако никогаш не беше дел од Варшавскиот пакт, таа не се приклучи ниту на НАТО. Тоа беше некаков вид рамнотежа меѓу капиталистичкиот Запад и комунистичкиот Исток. Сепак повеќе ја сметавме за своја, пријателска, ама малку чудна. Тоа беше земја која во целост не се приклучи на ниеден политички блок – тоа беше коската во грлото на двата спротивставени политички системи во светот, пишува „Ѕвезда”.

Всушност, од оваа модерна балканска војна, која заврши пред 20 години, започна одбројувањето на масовните напади на САД во состав на НАТО врз сите непожелни земји. Југословенското сценарио стана прототип за „кадифените“, „обоените”, „арапските” и другите современи револуции која го подигна талогот во кој кукларите се надеваа дека ќе најдат риба.

„Кон крајот на 90-те години од минатиот век, кога стана очигледна неминовноста на падот на социјалистичкиот систем во поранешните земји-сојузнички на Советскиот Сојуз, САД, кои сѐ уште не се осмелваа на отворена конфронтација со Москва, се потрудија да ја пронајдат најслабата алка за да започнат отворен напад на системот. И изборот, не случајно, падна врз Југославија, која веќе со едната нога беше во Европа, а со другата се обидуваше да се задржи во социјалистичкиот блок, кој ѝ гарантираше воена и политичка поддршка“, смета директорот на Центарот за анализа на стратегии и технологии Руслан Пухов.

Предизвикувањето војна во Југославија меѓу Хрватите и Србите беше проба на НАТО. Проверка на Советскиот Сојуз, кој би можел да ги искористи своите воени ресурси за поддршка на Белград во воената конфронтација со побунетите територии, Хрватска и Словенија. Меѓутоа, ситуацјата во светот во тоа време се промени, нашата земја го преживуваше „авганистанскиот синдром” и не беше подготвена да стане глобален фактор во геополитичките процеси. Американците многу вешто ја искористија оваа ситуација.

Русија тогаш се противеше на признавањето на Хрватска, но не сакаше да интервенира. Надворешната политика на Русија тогаш минуваше тежок пат – од мирување, со обид да се дефинираат националните интереси, до активно учество во настаните на Балканот. Руските мировници во состав на КФОР банално беа користени за интересите на САД и западноевропските земји. Дури подоцна, во 1999 година, Русија ја демонстрираше својата сила: познатиот марш на падобранците во Приштина покажа што може руската војска. Тогаш со помош на минофрлачи и пушки војниците ја запреа колоната тенкови на НАТО пред аеродромот во Приштина.

„Доколку потенцијалот и борбената способност на руската војска во тоа време беа како денеска, сега настаните на Балканот би се одвивале поинаку. Во Белград ја чекаа нашата помош. И не само воена поддршка туку, пред сѐ, способноста да се неутрализираат активните акции на САД и НАТО во балканскиот конфликт“, смета воениот експерт Феликс Меркулов.

„САД токму во Југославија го почувствуваа вкусот на крвта и чувството на неказнивост за вршење на такви напади од далечина. Потоа, тие почнаа да ја применуваат оваа практика во оние земји кои не се вклопуваат во нивното глобално владеење на правото – повторно во Србија, Ирак, Либија, Сирија. Резултат имаше само во рушењето и уништувањето на непожелните. И дури сега постои спротивставување на овој глобален екстремизам во вид на руската група во Сирија. Тоа е случајот кога Американците сфатија дека можат да добијат ќотек. За жал, тоа се случи дури сега, а не во почетокот на 1990-те“, заклучува Меркулов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.