Асад: Русија за два месеца во Сирија постигна повеќе од САД за година дена

Главната разлика е во тоа што Американците воопшто не соработуваат со копнените сили на Сирија, изјави сирискиот претседател Башар Асад.

Вооружените сили на Русија за два месеца постигнаа поголем напредок во борбата против тероризмот во Сирија отколку што американската коалиција постигна за година дена, изјави претседателот на Сирија Башар Асад во интервју за кинеската телевизија „Феникс”, пренесува РИА „Новости”.

„Пред почетокот на учеството на руските сили во операцијата во Сирија пред два месеци, американската коалиција преку година дена спроведуваше кампања против терористите, која како резултат доведе до тоа терористите да освојат поголеми територии и да соберат повеќе регрути од целиот свет. Кога Русите се вклучија истите терористички групи почнаа да се повлекуваат и да бегаат. Илјадници терористи од Сирија избегаа во Турција и други земји, некои во Европа, некои во Јемен и други места. Тоа е факт“, изјави Асад во интервјуто што го пренесува сириската агенција САНА.

Асад додаде дека руските сили тесно соработуваат со владините сили на Сирија.

„Русија зависи од копнените операции на владината восјка на Сирија. Руската војска соработува со нас“, изјави сирискиот претседател.

„Главната разлика е во тоа што Американците воопшто не соработуваат со копнените сили на Сирија, додека Русија тоа го прави“, изјави Асад. Тој додаде дека „американската војска не одржува апсолутно никаков контакт со владата на Сирија“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.