Русија истрела десетици крстосувачки ракети врз цели во Сирија

Министерството за одбрана на Русија двојно го зголеми бројот на воздушни напади врз терористите во Сирија, соопшти министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу во рапортот пред претседателот на Русија Владимир Путин.

„Во рамките на воздушната операција се врши масивен воздушен удар врз објекти на ИДИЛ во Сирија. Бројот на летови е зголемен за два пати, што овозможува нанесување силни прецизни удари врз објекти на ИДИЛ по целата длабочина на територијата на Сирија“, изјави министерот.

„Руската авијација изврши 127 борбени летови за напади врз 266 објекти на терористите во Сирија, уништени се 140 објекти“, соопшти Шојгу, пренесува „Взгљад“.  

„Стратешките бомбардери Ту-22М3, Ту-160 и Ту-95МС нанесоа удари врз позициите на ИД во Сирија, извршени се лансирања на 34 крстосувачки ракети врз цели на бунтовниците во провинциите Алепо и Идлиб“, рече министерот.

Министерството за одбрана соопшти дека за напади врз објекти на ИД во Сирија ќе бидат вклучени 25 авиони од Далечната авијација, осум Су-34 и четири Су-27. Исто така, сите бомбардери Ту-160 и Ту-95 по реализираните напади се вратиле во своите бази, додека Ту-22М3 продолжуваат „да работат“.

Претходно беше соопштено дека Русија нанела удари врз цели во Сирија со крстосувачки ракети лансирани од подморница, како и од стратешки бомбардери.

Во вторникот претседателот на Русија Владимир Путин на состанокот за резултатите од истрагата за падот на рускиот авион на Синај изјави дека нападите на Воено-космичките сили на Русија врз терористите во Сирија не само што треба да бидат продолжени, туку и засилени.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.