Путин: Неопходна е борба против допингот во спортот

Потребно е Русија да спроведе своја внатрешна истрага и на најтранспарентен и најпрофесионален начин да соработува со меѓународните антидопинг структури, изјави претседателот на РФ Владимир Путин.

Претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека е неопходна борба против допингот во спортот и му наложи на министерот за спорт Виталиј Мутко да соработува со меѓународните антидопинг организации, пренесува „Взгљад“.

„Се разбира дека одговорноста, доколку дојдеме до заклучок дека некоја треба да одговара, дека ги прекршува постојните правила во антидопинг сферата, одговорноста треба да биде персонифицирана. Тоа е општо правило. Одговорноста секогаш треба да биде лична и токму оние спортисти, на кои допингот им е туѓ, кои никогаш не посегнувале по него, не се занимаваат со тоа, не треба да одговараат за оние кои нешто прекршуваат. Затоа барам да се дејствува во таа насока и со колегите од меѓународните организации да се работи во таа насока“,  рече Путин на состанокот во Сочи по повод подготовките за Олимписките игри во Бразил.

Тој додаде дека е неопходно Русија да спроведе своја внатрешна истрага и на најтранспарентен и најпрофесионален начин да соработува со меѓународните антидопинг структури.

„Се согласувам, навистина, дека ова не е проблем само на Русија, но ако нашите странски колеги имаат прашања, тие треба да бидат решени. Потребно е тоа да се направи транспарентно, повторувам, професионално, во соработка со нашите колеги“, истакна претседателот на РФ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња