Медиуми: Црната кутија на А321 регистрирала звук на експлозија

Француски медиуми информираат дека „црните кутии“ на А321 регистрирале звуци на експлозија пред уривањето на авионот.

Извор на француската телевизија „Франс 2“ соопшти дека на записот од црната кутија на паднатиот А321 се слуша звук од експлозија. Според неговите зборови, експлозијата не е последица од неисправност на еден од моторите на авионот, пренесува „Лента.ру“.

Агенцијата „Франс-Прес“ исто така цитира свој извор кој изјавил дека податоците од летот и звучните записи покажуваат дека „се беше нормално“ додека 24 минути по полетувањето имало „многу ненадејна експлозивна декомпресија“. Податоците „силно ја поткрепуваат“ теоријата дека имало бомба во авионот, изјави изворот.

Во рамките на официјалната истрага во која се вклучени стручњаци од Русија, Франција, Германија, Ирска и Египет, помеѓу останатите, ќе биде проверена и верзијата за терористички акт, и ќе бидат анализирани сите прашања поврзани со безбедноста на авионите на аеродромот Шарм ел Шеик (дали имало пропусти во безбедноста кои можеле да придонесат за внесување во авионот на забранети предмети или материи). Не е  исклучена ни техничка неисправност. Руските власти повеќепати нагласија дека засега нема единствена верзија и дека треба да се користат исклучително официјални информации.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.