НАТО генерал: Новите можности на руската армија нѐ затекнаа неподготвени

Германскиот генерал Ханс-Лотар Домрезе е особено импресиониран од лансирањето на ракетите „Калибар“ од бродовите во Каспиското езеро врз цели во Сирија.

Новите технички можности на руската армија се за НАТО потполно неочекувани, изјави командантот на Здружените сили на НАТО, германскиот генерал  Ханс-Лотар Домрезе. Неговите зборови ги цитира весникот „Билт“, а пренесува РИА „Новости“.

„Претседателот Путин го зголеми вооружувањето многу повеќе отколку што очекувавме. Тоа во целост нѐ затекна неподготвени“, рече генералот.

Според зборовите на Домрезе, лансирањето на ракетите „Калибар“ од бродовите во Каспиското езеро врз цели во Сирија покажаа дека теоретски Русија е во состојба да му се закани на сличен начин и на Берлин.

Според мислењето на генералот, сегашната рамнотежа на воените сили се наоѓа под закана, а Русија е во состојба да воспостави супериорност во однос на НАТО во низа региони, од Калининград до Каспиското езеро. „Путин има потенцијал кој е способен да ни го прекине пристапот до нашите сојузници“, изјави тој.  

Во врска со тоа, додаде генералот, на Алијансата ѝ се потребни големи вежби, како што е Trident Juncture-2015, со кои командува Домрезе. Тие се потребни за тренирање на војската и за демонстрација на сила, изјави генералот на НАТО.


 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.