Извор: Експлозија во моторот е причина за падот на А321

Според зборовите на извор во комисијата што ги истражува падот на рускиот авион, за експлозија сведочат дешифрираните „црни кутии“.

Експлозија во моторот е причината за катастрофата на рускиот А321, соопштија за весникот „Ал Масри ал Јаум“ судски извори во истражната комисија што се занимава со истрагата за падот на авионот, пренесува ТАСС.

Според зборовите на изворите, доказ за тоа се дешифрираните „црни кутии“. „Причина за падот на авионот е експлозија во еден од моторите. Што ја предизвикало (експлозијата), ќе биде утврдено од специјална техничка лабораторија, како и од резултатите на специјалистите од истрагата на местото на падот, телата на загинатите, супстанциите кои останале на телата и деловите на Ербасот“.

Истрагата засега не наведува дека несреќата е резултат на терористички чин. „Примероците од останките на патниците и деловите од авионот ќе покажат дали има присуство на експлозивни материјал или до експлозијата дошло поради технички дефект“, наведоа изворите.

Тие додадоа дека „црните кутии не регистрирале никакви итни повици од екипажот до контролорите на летот“. Истовремено, според нивните податоци, техничките параметри од црните кутии сведочат за брз пад на авионот, што укажува на „присуство на силна експлозија, истовремено откажување на сите мотори, горење на дел од трупот и распаѓање на делови од авионот уште во воздух“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.