Кери: САД планираат да ги координираат активностите во Сирија со Русија

Меѓутоа, проширувањето на соработката зависи од Москва, изјави државниот секретар на САД.

САД планираат да ги координираат активностите во Сирија со Русија, но проширувањето на соработката зависи од Москва, вклучително и од нејзините потези, насочени кон барање политичко решение за конфликтот, изјави државниот секретар на САД Џон Кери во интервју за РТВ „Мир“, а пренесува ТАСС.

„Соработката на силни држави со развиени воени воздухопловства е едноставно неопходна. Вие не сакате да летате во ист воздушен простор без претходна координација. Се разбира, ние планираме да ги координираме нашите активности со Русија, но не би сакале да се ограничиме само на тоа. Ние би сакале повеќе, но тоа зависи од Русија, од нејзините одлуки по повод политичкиот аспект на постигнувањето мир. Треба да ја разгледаме иднината на претседателот Асад, треба да најдеме политичко решение“, изјави Кери.

Државниот секретар на САД потсети дека на крајот на минатата недела во Виена се одржал „многу продуктивен состанок“ за Сирија, на која копретседавал шефот на МНР РФ Сергеј Лавров.

„И Русија, и САД успеаја да напредуваат во насока на политичкото решение за постигнување мир. Дефинитивно сакаме да соработуваме, а не да се конфронтираме, но тоа зависи од изборот што ќе го направи Русија. Таа се наоѓа таму затоа што сака да најде политичко решение или затоа што едноставно го поддржува режимот на Асад?“, истакна Кери.

„Ако нејзината (на Москва) единствена цел е помош за режимот, решение нема да се постигне. Исто како што Турција, Катар, Саудиска Арабија, сириската опозиција нема да ја запрат нивната борба со Асад, единствената варијанта да заврши војната е да му се предложи на господинот Асад да не се противи на формирање нова влада. На тој начин, тој може да помогне да ја спаси својата земја. Присуството на Русија само поради режимот создава проблем во регионот“, потенцираше државниот секретар на САД.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња