Нема податоци дека падот на рускиот „Ербас А-321“ е терористички чин

Египетските служби за безбедност немаат основа за претпоставки дека рускиот „Ербас А-321“ бил срушен, соопштува агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на извори во безбедносните служби на Египет.

Во сабота утрото, на 31 октомври, властите на Египет ја потврдија информацијата за пад на руски авион на Синајскиот полуостров.

Во авионот се наоѓаа 217 патници и седум членови на екипажот. На местото на падот работат спасувачки екипи. Информациите се дека авионот е во целост уништен. Во врска со авионската несреќа, во РФ е прогласен ден на жалост на 1 ноември.

Според информациите на изворите на „Ројтерс“ во египетските безбедносни служби, главната верзија за катастрофата е технички неисправности на авионот. Агенцијата ТАСС повикувајќи се на извори во Египет соопшти дека во последната комуникација по радио-врска командирот на екипажот побарал итно да слета на аеродромот во Каиро. Како што додава РИА „Новости“, по полетувањето пилотот ги известил диспечерите на аеродромот Шарм ел Шеик за некои технички неисправности. Освен тоа, според информациите на агенцијата, последната недела екипажот неколкупати се жалел на проблеми со моторот.

Египетските спасувачи ги открија телата на загинатите и ги извлекуваат од урнатините на авионот. Според информациите на „Ројтерс“, најдени се најмалку 5 тела на загинати деца на местото на падот. Вкупно во авионот имало 17 деца. Најдени се двете „црни кутии“.

Претседателот на Русија веќе им изрази сочувство на роднините на загинатите. Претседателот му наложи на премиерот Медведев да формира комисија за истрага на катастрофата.

На територијата на Синајскиот полуостров дејствува групата „Вилает Синај“, која се заколна на верност на екстремистичката организација „Исламска држава“ во 2014 година. Редовно се случуваат судири меѓу египетските безбедносни сили и џихадистите.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња