Лавров: Русија им предложи на САД координација на воените сили во Сирија

Засега, според зборовите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, договорено е само да се избегнуваат инциденти во воздух.

Одлуката на САД за распоредување специјални сили во Сирија нема да влијае на позицијата на Русија во однос на обединувањето на напорите за борба против тероризмот, изјави министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров по преговорите за Сирија во Виена.

„Нашата позиција не се смени. Нашата задача е да го најдеме заедничкиот непријател и да се бориме против него“.

Според зборовите на министерот, одлуката на САД да испратат специјални сили во Сирија ја прави уште поактуелна задачата за соработка меѓу руските и американските воени сили.  

„Јас веќе ја искажав нашата оцена за одлуката на претседателот Обама да испрати еднострано, без договор со сириското раководство, копнени контингенти, како што беше објавено, за борба со ИД. Убеден сум дека ни САД, како ни Русија, не сакаат никакво сведување на таканаречена „прокси војна “. Но тоа, дека оваа ситуација го прави прашањето за соработка уште поактуелно, за мене е очигледно“.

Лавров исто така изрази увереност дека Русија и САД можат поефикасно да соработуваат во борбата со тероризмот. РФ им предложила на САД координација на дејствијата на воените сили во Сирија, но засега е договорено само да се избегнуваат инциденти во воздух.

„Се надевам дека денешниот договор за усогласување на списокот со терористички групи во Сирија ќе ни овозможи да се движиме во таа насока“, додаде министерот.

Лавров потенцираше дека Русија и САД имаат „заеднички непријател и потребно е да се стори сѐ тој непријател да не успее да ја освои власта ни во Сирија, ни во која било друга држава“, пренесува РИА „Новости“.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.