Руски функционер: „Можам да се заколнам во Библијата дека не знаевме претходно за одлуката за СП 2018“

Првиот човек на ФИФА Сеп Блатер изјави дека одлуката за организација на светското првенство во фудбал во Русија била донесена уште пред гласањето.

Генералниот директор на организацискиот комитет „Русија 2018“ Алексеј Сорокин ги отфрли претпоставките дека Русија уште пред гласањето во 2010 година можела да си го обезбеди правото за организација на светското првенство. „Ако имало луѓе кои ја донеле одлуката пред 2 декември, во ред. Но ние не бевме во тек со одлуката на Извршниот комитет. Можам да се заколнам во Библијата дека не знаевме“, ги цитира зборовите на Сорокин World Football Insider.

Во средата, 28 октомври, првиот човек на ФИФА Сеп Блатер во интервју за  руската информативна агенција ТАСС раскажа дека уште пред гласањето „имало интерно убедување дека едно првенство ќе се одржи во Русија“. „Одлуката која беше договорена, но не во писмена форма, предвидуваше при гласањето да одиме на две суперсили: на Русија и САД“, претходно прецизираше Блатер во интервју за „Фајненшел Тајмс“. Блатер исто така изјави за ТАСС дека разговарал за можноста за одржување на светското првенство во Русија со претседателот Владимир Путин.  

Истовремено Алексеј Сорокин изјави дека делегатите на конгресот на ФИФА имале право да донесат одлука до официјалната презентација на кандидатурите. „Доколку имало луѓе кои имале јасна позиција за тоа за кого ќе гласаат, тоа е нивно право. Тоа е апсолутно нормално“.

Според зборовите на рускиот функционер, руската кандидатура победила во чесна борба. „Ние инсистираме на тоа дека нашата кандидатура беше чесна, транспарентна и соодветна на препораките на ФИФА“, потенцираше Сорокин.

Според резултатите од гласањето на 2 декември 2010 година Русија ја доби организацијата на СП 2018, а Катар – СП 2022 година. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња