Медиуми: САД согласни Асад да учествува во преодниот политички процес

Според оценката на „Вол Стрит Џурнал“, Вашингтон го сменил својот пристап откако Русија почна со воздушни удари во Сирија, што пак ги зајакнало позициите на сириската влада.

Администрацијата на претседателот на САД Барак Обама е подготвена да ја ревидира својата неотстапна позиција во однос на сирискиот лидер Башар Асад и да се согласи со негово останување на власт во текот на преодниот период, соопштува весникот „Вол Стрит Џурнал“, а пренесува ТАСС.

Според весникот, ова се позициите на американските претставници на преговорите за решавање на сирискиот конфликт што се одржуваат во Виена. Според оценката на весникот, Вашингтон го сменил својот пристап откако Русија почна со воздушни удари во Сирија, што пак ги зајакнало позициите на сириската влада. 

„Администрацијата на Обама влезе во клучната рунда на меѓународните преговори за војната во Сирија со подготвеност да се согласи со договор според кој претседателот Башар Асад ќе остане на власт неколку месеци или на подолг рок во текот на преодниот период за формирање нова влада“, пишува „Вол Стрит Џурнал“.

Весникот смета дека САД ја омекнале својата претходна позиција дека Асад не може да учествува во преодниот политички процес, но сега се подготвени да дискутираат по прашањето за неговата иднина на преговорите во Виена.  

„Вол Стрит Џурнал“ ги цитира зборовите на претставник на администрацијата на САД за тоа дека Вашингтон сака примирје во Сирија и за таа цел не инсистира на заминување на Асад од претседателската функција .

„Овој пристап одразува нова реалност“, тврди весникот и истакнува дека САД, исто така, ја смениле својата позиција под влијание на потешкотиите со кои се судираат во борбата со „Исламската држава“.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња