НАТО и Русија треба да избегнуваат непотребно заострување

НАТО и Русија треба да избегнуваат непотребно заострување, без оглед на спротивните ставови, особено во Сирија, балтичките земји и на Црното море, смета заменикот на генералниот секретар на НАТО Александар Вершбоу.

„Во нашите интереси е да соработуваме со Русија, ако успееме да постигнеме да не се зголемува напнатоста без потреба. Ние постојано треба да одржуваме голема транспарентност и предвидливост во односите за да се избегне недоразбирање, да се спречат инциденти кои можат да се избегнат онаму каде нашите сили можат да се судрат: на Балтикот, Црното море или над Сирија“, изјави Вершбоу на отворањето на конференцијата „НАТО и новата спирала на кризата“ во Мадрид, организирана од Кралскиот институт Елкано и одделението за јавна дипломатија на НАТО. 

Според неговото мислење, НАТО треба да ја смени политиката поради заострувањето на односите со Москва. За оваа тема ќе се разговара на следниот самит на НАТО.

„Со приближувањето на следниот самит на НАТО во Варшава во јули, треба да ги оцениме долгорочните последици на сегашната криза во односите со Русија и иднината на Алијансата“, реле Вершбоу.

„Русија не  е Советскиот сојуз, затворен зад железната завеса. Светот е сега поинаков, поинтегриран и заемно позависен. На тој начин, прашањето не е во тоа дали имаме односи со Русија, туку каков е карактерот на тие односи“, смета Вершбоу.

„Во иднина, ако ни претстои продолжение на ривалството со Русија, треба да ја адаптираме Алијансата имајќи ги предвид долгорочните перспективи“, рече заменикот на генералниот секретар на НАТО.

Тој потсети дека силите за брзо распоредување на НАТО можат да бидат распоредени за неколку дена, отворени се шест нови штабови во источните земји-сојузници, ќе се отворат уште два, се спроведуваат маневри во Источна Европа. Според неговите зборови, целта на овие активности е „да ѝ се даде до знаење на Русија дека таа не треба ни да помисли да се меша со НАТО“’.

Силите на НАТО треба да се концентрираат „на предизвиците кои доаѓаат од Русија и од југ“, изјави заменикот на генералниот секретар на НАТО, пренесува РИА „Новости“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња