Грушко: Военото планирање на НАТО води кон конфронтација со Русија

Проширувањето на воената активност на НАТО на границите со Русија претставува провокација и води кон ерозија на обврските за ограничување на военото присуство во регионот утврдени со актот меѓу РФ и НАТО во 1997 година, смета постојаниот претставник на Русија во Алијансата Александар Грушко.

„Провокација е самата идеја за проширување на воената активност на НАТО на границите на Русија, независно од нејзините форми и параметри. Згора на тоа, ако се погледне на ситуацијата глобално, ние сме загрижени не само од обидите да се зголеми таканареченото продолжително ротациско (а факт е – постојано) присуство на силите на НАТО на источните граници, но и од приближувањето на воената инфраструктура на источните граници, вклучувајќи ги структурите за командување и управување и објекти за ПРО системи. Плановите за создавање пунктови за првично распоредување на тешка воена опрема во Источна Европа се уште една причина за вознемиреност. Сите овие активности заедно водат кон ерозија на обврските за ограничување на военото присуство во регионот, утврдени со Основачкиот акт Русија-НАТО во 1997 година, изјави Грушко, чиј коментар е објавен на англиски јазик на Фејсбук профилот на Постојаното претставништво на РФ во НАТО.

Според неговите зборови, „од политичка гледна точка оваа воена активност е насочена кон создавање нова „железна завеса“ во Европа, што ѝ противречи на самата идеја за развој на нова архитектура за безбедност која би водела кон неделивост на безбедноста за сите“. „Военото планирање на НАТО води кон конфронтирачки пристапи кон прашањата за безбедноста кои, на наш поглед, треба да заминат во минатото“, изјави постојаниот претставник на РФ.

Истовремено тој истакна дека, без оглед на предлозите на РФ, НАТО не се согласил да изработи јасна дефиниција за „суштинските борбени сили“. „Ако и кога НАТО биде подготвен да се врати на прагматичниот воен дијалог, замрзнат на 1 април 2014 година, прашањето за суштинските борбени сили ќе биде ставено на агендата“, смета Грушко.   

Според неговите зборови, проектирањето на воена сила врз Русија под лажната формулација за воздржување на „агресивни намери“ е пат кој не води никаде. „Нашата безбедност во секој случај ќе биде обезбедена, ние имаме многу можности да го направиме тоа ефикасно“, изјави постојаниот претставник на РФ во НАТО, пренесува РИА „Новости“.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња