Фондацијата „Александар Солженицин“ донираше книги во Свети Николе

Во саботата, 24 октомври, на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе се одржа донација на над 400 книги книги од Фондацијата „Александар Солженицин“ од Москва. „Руска реч на македонски“ присуствуваше на настанот.

Во саботата, 24 октомври, на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе се одржа донација на над 400 книги книги од Фондацијата „Александар Солженицин“ од Москва, Русија.

На манифестацијата присуствуваа претставници од Амбасадата на РФ во Македонија, предводена од амбасадорот Олег Шчербак, претставници на Министерството за култура, раководството на МСУ „Г.Д. Державин Свети Николе-Битола“ и многубројни гости.

Настанот започна со краток вовед за животот и делото на нобеловецот Александар Солженицин.

Потоа следуваше обраќањето на амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Шчербак, кој зборуваше за длабоките и нераскинливи врски меѓу Русија и Македонија и кој нагласи дека донацијата е еден вид „духовна штафета, затоа што кирилицата и првите книги во Русија дојдоа од Македонија, а сега, после многу векови, книги напишани на истата кирилица доаѓаат од Русија во Македонија“.

По говорот на амбасадорот Шчербак, на присутните им се обрати и претставникот на Фондацијата „Александар Солженицин“ Виктор Леонидов, кој истакна дека е задоволен што во Македонија има луѓе кои ја проучуваат руската култура, историја, јазикот и литературата и кои ќе имаат полза од книгите кои фондацијата ги донира. Леонидов презентираше дел од донацијата, која вклучува не само дела од нобеловецот Солженицин, туку и речници, проза и поезија од познати руски писатели.

Исто така, Леонидов настапи и со три песни на руски јазик: „Сон“ (дел од музиката за серијата „Русин без Русија“), „Ѕвезди“ (од Владимир Висоцки), и „Руски бригади“, посветена на 1  експедициски полк на руската армија во I Светска војна.

Потоа беше прикажан и документарецот „Амбасадата на Тагањски Рид“, посветен на руската емиграција, дел од животот на Солженицин во странство и неговото враќање во родната земја во 1994 година.

Фондацијата „Александар Солженицин“ и МСУ „Г.Д. Державин“ потпишаа и Меморандум за соработка, со кој во иднина се планира продлабочување на врските меѓу фондацијата и универзитетот.

Настанот заврши со настапот на Градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ од Свети Николе.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.