Лавров: Тврдењата за некаков договор за заминување на Асад се измислици

Веќе се шират гласови дека ќе биде постигнат договор Башар Асад да си поднесе оставка во одреден временски период. Тоа не е точно“, рече шефот на руското МНР Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги нарече измислици тврдењата дека во Виена е постигнат договор за оставка на Башар Асад од претседателската функција во Сирија, пренесува РИА „Новости”.

„Се разбира, ќе има шпекулации (во медиумите по преговорите). Шпекулации се појавија и пред да се одржи состанокот. Слушнав дека веќе се шират гласови дека се преговара или дека ќе биде постигнат договор за тоа претседателот Асад да си поднесе оставка во одреден временски период. Сето тоа не е точно“, изјави Лавров по разговорот со министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Турција и државниот секретар на САД.

„Ние ја потврдивме нашата позиција. Таа беше максимално јасно изложена од страна на претседателот во неговите неодамнешни говори: ако се фокусираме на промена на режимот и особено да се зафатиме со одредена раководна фигура, ќе сфатиме дека тоа веќе сме го поминале во Ирак и Либија, знаеме како заврши тоа и, за жал, не е ни завршено, туку продолжува длабоката криза во овие земји. Затоа нашата позиција се состои од многу едноставна формула: судбината на Сирија, судбината на сирискиот претседател и судбината на сите други лица треба да ја решава самиот сириски народ“, додаде шефот на руската дипломатија.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.