Џими Картер ѝ предаде на Русија мапа со позициите на ИД

Поранешниот американски претседател Џими Картер ѝ предаде на руската амбасада во Вашингтон мапа со позициите на милитантите од „Исламска држава“.

Поранешниот американски претседател Џими Картер ѝ понуди на Русија помош во идентификувањето на објектите на „Исламската држава“ (ИД) во Сирија и ѝ предаде на руската амбасада во Вашингтон мапа со позициите на милитантите, соопшти „Вашингтон Фри Бикон“, а пренесува „Интерфакс”.

„Му испратив (на претседателот на РФ) во четвртокот писмо во кое го прашав дали би сакал да добие копија од нашата мапа за да може да врши попрецизни напади во Сирија. А потоа во петокот ме повикаа од руската амбасада во Вашингтон и рекоа дека многу сакаат да ја добијат мапата“, рече Картер.

Во текот на својот говор кој е објавен на „Јутјуб“ и прикажан на каналот на „Ен-Би-Си Њуз“, поранешниот претседател на САД истакна: „Значи, ако во иднина Русија нанесува удари на погрешни места, ќе знаете дека тоа е моја вина, а не на Путин“.

Картер рече дека „доволно добро“ го познава Путин, затоа што имаат „заеднички интерес за рибарење на мушичка“. Според неговите зборови, кога се состанале заедно со останатите светски лидери во април за да дискутираат за кризата во Сирија и Украина, рускиот претседател му ја дал својата електронска адреса за размена на „искуство во риболов на мушичка, особено во Русија“.

Поранешниот американски претседател додава дека предмет на дискусијата, исто така, била граѓанската војна во Сирија во која, според мислењето на САД,Русија ги напаѓа бунтовниците и групите поддржани од ЦИА, а не терористите од ИД. Затоа по состанокот со Путин тој испратил мапа со позициите на ИД во Сирија. Мапата била подготвена од „Картер Центарот“, за да може Москва да ја коригира прецизноста на своите напади.  

Изданието истакнува дека постапките на Картер се во спротивност со официјалната политика на администрацијата на Обама, која одбива соработка со Русија по прашањето на Сирија, вклучувајќи ја и неподготвеноста да обезбеди податоци за локациите на терористите од ИД. Како што се наведува, инцијативата најверојатно дошла од страна на Картер. Поранешниот претседател го повика рускиот лидер да најде заеднички јазик со САД по пат на прецизни воздушни удари насочени исклучително против ИД во Сирија. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.