„Роскосмос“ и Европската вселенска агенција (ЕВА) соопштија дека планираат заедничка колонизација на природниот сателит на Земјата. Почеток на амбициозниот проект ќе биде заедничка мисија на темната страна на Месечината, која ќе биде претходник на изградбата на руско-европската база.
Руската вселенска агенција „Роскосмос“ пред една година го објави проектот „Луна 27“ за создавање роботизиран модул кој ќе треба да се спушти на најпознатиот кратер во басенот на Јужната половина – Ејткен, кој пак се наоѓа на темната страна на Месечината, пишува „RT“. Руските експерти имаат надеж дека тамошните ресурси ќе можат да им бидат од корист на првите колонизатори на вселенското тело.
„Јужната полутопка на Месечината не наликува на ништо што досега сме виделе“, изјави Џејмс Карпентер, главен специјалист на ЕВА за проектот. – Околината таму е апсолутно поинаква, и благодарение на екстремно ниските температури можеме да најдеме големи количини лед и други хемиски елементи на површината. Тие ќе можат да бидат употребени како ракетно гориво или во системите за одржување на живот кои ќе можат да бидат користени од учесниците во идните мисии“.
Од своја страна, Европејците ќе го понудат вселенскиот модул „Пилот“, опремен со ласерско наведување и сложени камери за набљудување, како и со револуционерна дупчалка. Освен тоа, ЕВА ќе изгради специјална лабораторија во модулот која на лице место ќе врши анализа на собраните примероци.
Иако стручњаците веќе почнаа со работа на проектот, европските чиновници имаат намера да го ратификуваат своето учество во „Луна 27“ дури на крајот на 2016 година. „Треба да полетаме на Месечината. XXI век ќе стане век кога на неа ќе се појави постојано истурено место на човечката цивилизација. Нашата земја треба да учествува во овој процес и ние треба да работиме на ова заедно со нашите странски колеги“, изјави главниот специјалист на „Роскосмос“ Игор Митрофанов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче