Медведев: Целта на операцијата на Русија во Сирија не е да се заштити Асад

Операцијата на Воздушно-космичките сили што Русија ја спроведува во Сирија не е за да се заштити Асад, туку е директно насочена против терористите, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев во интервју за телевизијата „Русија 24“ ги отфрли обвинувањата дека Русија во Сирија го штити претседателот Асад.

„Тоа апсолутно не е точно. За тоа кој ќе раководи со Сирија треба да одлучува сирискиот народ, кој е мултинационален и мултирелигиозен, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Меѓутоа, тоа е сепак избор на народот. Во моментов ситуацијата е дека легитимен претседател на Сирија е Башар ел Асад“, рече Медведев.

Рускиот премиер се осврна и на неодамнешните зборови на Путин, зборувајќи дека Русија ги реализира своите интереси во Сирија, а тоа е борбата против тероризмот кој сѐ повеќе се заканува да стигне до Русија. „Ако не ги уништиме таму, тие ќе дојдат во Русија“, рече премиерот.

Тој исто така ја коментираше и одлуката на САД да одбие посета на руска делегација предводена од него за да се разговара за координација на борбата против терористите. Тој смета дека таквата одука нема врска со претседателот на Америка, туку во прашање е државен интерес.  

„Сметам дека човечките односи немаат врска со оваа одлука на САД, затоа што пред сѐ тука се државните интереси“, рече Медведев.

Сепак, тој смета дека одговорот на САД на рускиот предлог е во најмала рака чуден.

„Настана многу сериозен конфликт (во Сирија) и на него мораме да реагираме. Реакцијата на американската администрација за ова прашање е многу чудна. Тоа што сите во моментов ѝ забележуваат на Америка е во тоа што нејзината администрација си дозволува да биде слаба, нерешителна и некомпетентна. Тоа е нивна работа, но судејќи според изјавите  на американските чиновници, сето тоа личи на вистина“, заклучува рускиот премиер.  

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња